Програма за стипендирање Борис Трајковски-НОВА 2012

Вовед
Покојниот Претседател Борис Трајковски беше пријател на НОВА. Некои аспекти од неговото идејно наследство, кои значително се совпаѓаат со мисијата и философијата на работа на училиштето, се темелот врз којшто се заснова партнерството помеѓу НОВА и Фондацијата Борис Трајковски. Преку програмата за стипендирање, и двете институции учествуваат во поддршка на особено надарени ученици и идни лидери на македонската заедница.
Број и вредност на стипендиите
Ќе бидат доделени три целосни стипендии. Дополнително, на десет ученици, од најдобрите 20, ќе им биде овозможено да конкурираат за финансиска помош која може да покрие до 50% од школарината.
Обновување на стипендирањето
Стипендирањето автоматски се обновува секоја наредна година под услов ученикот-стипендист да ги исполнува академските и лидерски очекувања на училиштето: да постигнува континуиран одличен успех, односно просек од 10 или повеќе на скала на оценување од 1 до 12, да учествува конструктивно во програмата Помош на заедницата и да земе активно учество во најмалку една од училишните програми за лидерство. Каков било инцидент на академска нечесност, или сериозен дисциплински престап го повлекуваат прекинувањето на програмата за стипендирање.
- Критериуми за селекција
- Апликација за стипендирање со препораки
- Одличен успех од V-VIII одделение
- Резултати од тестовите по англиски јазик* и математика*
- Есеј* на англиски јазик
- Интервју на англиски јазик
Ќе бидат објавени збирните резултати од евалуацијата на есејот и тестовите по англиски јазик и математика. Најдобрите дваесет (20) кандидати ќе бидат повикани на интервју пред комисија. При изборот на трите (3) цели стипендисти, во случај на изедначени резултати, Директорот на училиштето има право на одлука. Кандидатите рангирани од реден број 4 до реден број 20 имаат право да аплицираат за финансиска помош**. Ќе бидат избрани најмногу 10 кандидати од вкупниот број апликанти. Вредноста на доделената финансиска помош покрива до 50% од трошоците за школување во НОВА.
___________________
*Сите тестирања се изведуваат под шифра и збирните резултати (ранг листа) се објавува под шифра.
**Кандидатите кои аплицираат за финансиска пддршка ќе треба да достават и дополнителен формулар за финансиска помош.
РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
27 февруари – 15 март 2012 година
Документи за пријавување:
(1) Формулар (апликација) која може да се добие во Меѓународното Училиште НОВА или на веб-страницата на НОВА
(2) Препораки:
(3) Фото-копија од свидетелствата од 5,6 и 7 одделение; фото-копија од полугодишните оценки од 8 одделение
(4) Фото-копија од Дипломи/Признанија добиени на натпревари (не уверенија или потврди за завршени курсеви и посетувани програми)
(5) Фото-копија од извод од матична книга на родените и една сликичка формат за пасош
(6) Дополнителни информации
Процедура:
27 февруари – 15 март 2012 година, од 8:00 до 16:00 часот
Пријавување
06 март (вторник), од 17:00 до 18:30, во просториите на НОВА, информативна средба за сите заинтересирани ученици и родители
17 март 2012 година (сабота), во 10:00 часот
Тестирање по англиски јазик и математика и пишување есеј на дадена тема. Времетраење на тестирањето: 4 часа со вклучена пауза од 30 минути
19 март – 23 март
Разгледување на поднесените апликации, евалуација на тестирањата и избор на дваесет (20) најдобри кандидати.
23 март, 13:00 часот
Објавување на резултатите (под шифра) на огласната табла во НОВА и на веб страницата на училиштето.
26 март – 30 март
Поединечни интервјуа со избраните дваесет (20) кандидати пред комисија
06 април
Информирање на добитниците на стипендија по пошта. Секој избран стипендист треба да го потврди запишувањето во НОВА во рок од една недела, во спротивно стипендијата ќе биде понудена на алтернативен (резервен) кандидат.
Четири генерации стипендисти на програмата за стипендирање Борис Трајковски-НОВА
Проргамата започна во 2005 година и досега презентираше четири успешни генерации матуранти кои своето образование го продолжија на врвни американски и европски универзитети. Еве ги изјавите на минатогодишните матурaнти:

Освојувањето на стипендија на програмата Борис Трајковски – НОВА беше пресудно за мојот академски раст и развој. НОВА ме измени и обликува во повеќе аспекти. Во текот на средношколското образование, се здобив со знаење и вештини кои ми овозможија упис на најпрестижните универзитети во САД и Европа, учев во “реална” мултикултурна средина и станав вистински граѓанин на светот со отворен и критичен ум. За возврат достојно ја претставував НОВА и фондацијата на многубројни натпревари и настани. Денес студирам на универзитетот Харвард каде што имам можност да ги посетувам предавањата на најдобрите професори во светот и да се бавам со научноистражувачка работа во најопремените лаборатории на светот. Ана Котевска

НОВА ми помогна да се развијам како на интелектуален, така и на емоционален план, подготвувајќи ме на тој начин за предизвиците со кои се соочувам сега како студент на универзитетот Јеил во САД. Изборот на моите студиски програми по драмски уметности и литература е во согласност со моите афинитети и стекнати знаења во моето претходно гимназиско образование. Кога аплицирав за стипендијата Борис Трајковски, не знаев во што се впуштам , само имав амбиција да успеам – сега знам дека добивањето на оваа стипендија ми ја даде насоката која ми беше потребна успешно да го продолжам моето образование на еден од најпрестижните светски универзитети. Александра Ѓоргиевска

Дојдов во НОВА од Тетово, преку програмата за стипендирање Борис Трајковски-НОВА. Четирите години поминати во НОВА беа за мене незаборавно искуство, како во поглед на академското учење, така и во процесот на личното созревање . Можноста сама да си ја создавам програмата преку избор на предмети и соодветни нивоа на изучување на истите, ми помогна да влезам подлабоко во изучувањето на економијата и финансиите, што вистински ме подготви за мојата студиска прогрма на Универзитетот на Југоисточна Европа. Верувам дека еден ден ќе можам, преку сопствен пример, да ја возвратам довербата што ми беше укажана од лидерството на НОВА и фондацијата Борис Трајковски. Артина Беџети